„НЕТФЛИКС“ ЌЕ ГО ШИРИ СВЕТОТ НА „ЧУДНИ НЕШТА“ СО НОВА СЕРИЈА

Њујорк, (Ројтерс)

Нетфликс“ објави дека ќе прави спиноф серија на „Чудни нешта“ (Stranger Things), додека се обидува да го претвори еден од своите најголеми хитови во поширока франшиза. Новата серија ќе се базира на оригинална идеја на браќата Мет и Рос Дафер, креаторите на „Чудни нешта“, но притоа не беше кажано ништо за ликовите и дејството.

Научно-фантастичниот трилер со Винона Рајдер и Дејвид Харбор во главните улоги постави нови рекорди на гледаност на „Нетфликс“, надминувајќи ја „Бриџертон“ како најгледаната серија на англиски јазик.

Чудни нешта“ имаше премиера во 2016 и ја претвори тогаш 12-годишната Мили Боби Браун во светска ѕвезда. Серијата исто така го обнови интересот за поп културата од 1980-ите, па песната на Кејт Буш, „Running Up That Hill“, се искачи на врвот на светските топ-листи 37 години по излегувањето.

Четвртата сезона заврши со дополнителните две епизоди, чие излегување привремено го урна „Нетфликс“ поради преголемиот интерес. Серијата, прва од која „Нетфликс“ сака да развие франшиза, има собрано 1,15 милијарди часови гледаност, помалку само од „Игра на лигни“.