ВО ТИРАНА СЕ ГРАДИ КУЛА МОДЕЛИРАНА СПОРЕД ЛИКОТ НА СКЕНДЕРБЕГ

Тирана, (Дезин)

Угледното холандско архитектонско студио „МВРДВ“ ја дизајнираше новата кула во Тирана, моделирана според биста на албанскиот национален херој Ѓерѓ Кастриот-Скендербег.

Зградата ќе биде висока 85 метри и се гради на плоштадот кој го носи неговото име. Тука се наоѓа и статуата на Скендербег што на архитектите им послужила како инспирација за зградата.

„Ова ќе биде една од највисоките згради на светот кои служат како скулптура на некоја личност. Зградата ги нагласува историјата, карактерот и сегашноста на Албанија, додека ги почнува преговорите за членство во ЕУ“, кажа основачот на „МВРДВ“, Вини Мас.

Кулата „Скендербег“ ќе има станбен, деловен и комерцијален дел, а нејзиниот изглед на човечка глава е постигнат со заоблени тераси, кои имаат различна форма на секој спрат за да се истакнат нос, уши и брада.