По неколку години прекин, во Штип повторно ќе се одржи театарскиот фестивал за деца и млади „Малиот принц“, што ќе биде негово десетто издание.
Фестивалот ќе трае од денеска до 10 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“, а ќе настапат шест македонски театри за деца и млади. Ќе има награди за најдобри актер, авторска музика, сценографија, костимографија, режија и адаптација на текст.
„Фестивалот денеска во 12 часот ќе го отвори НУЦК ‘Трајко Прокопиев‘ од Куманово со претставата ‘Малата сирена‘. Наредната претстава ‘Убавицата и ѕверот‘ на Малиот театар од Прилеп ќе се изведе во вторник од 19 часот. Во програмата ќе бидат и претстави на ‘Ацо Шопов‘, ‘Антон Панов‘ од Струмица, Летечка театарска група од Тетово и на Театар за деца и младинци од Скопје“, вели директорот на Домот на културата „Ацо Шопов“, Горан Трајков.
Т. ЈОВАНОВСКИ