АМЕРИКАНСКИОТ ТРУБАЧ РОБ МАЗУРЕК И СКОПСКОТО ТРИО „ЗУЛУ 3.4“ ГО ОТВОРААТ 41. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Американските музичари ќе бидат најбројни на 41. Скопски џез фестивал и токму тие го отвораат вечерва. Од 20 часот, во Националната опера и балет ќе настапи бендот на трубачот Роб Мазурек, „Експлодинг стар оркестра“, што го сочинуваат уште шестмина членови.

Мазурек важи за централна фигура на авангардната чикашка сцена од 1990-ите, а „Експлодинг стар оркестра“ го оформи по враќањето од Бразил во 2005.

„Со овој проект, Мазурек создаде медиум кој поседува капацитет да опфати различни стилови и идеологии од широкиот опсег на слободни форми на изразување, а секој од избраните уметници е легенда на авангардниот џез, иако некои од нив припаѓаат на американската креативна музика“, стои во најавата на концертот.

Дополнителна ексклузивност на концертот ќе му даде гостувањето на 20-члениот камерен оркестар „Фамес“, при што ќе се изведе дело специјално напишано за оваа прилика.

Скопското инструментално трио „Зулу 3.4“ денеска ќе ја прими наградата за најдобар млад џез музичар за 2022, по што ќе свири во МКЦ од 23 часот. Бендот постои само четири години, но за тој период објави три албуми, на кои прави фузија од разни музички стилови, од пост-рок до џез.