СЕ ПЛАШЕВ ДА ОТКРИЈАМ ДЕКА СУМ ГЕЈ ЗАШТО ТАТКО МИ БЕШЕ НЕОНАЦИСТ И ХОМОФОБ, КАЖА КЕВИН СПЕЈСИ

Њујорк, (Вараети)

Кевин Спејси се присети на своето „понижувачко и застрашувачко“ воспитување како син на неонацист и бел расист додека сведочеше на судењето за недолично сексуално однесување. Двократниот оскаровец е тужен од актерот Ентони Рап, кој го обвини за сексуален напад, при што бара отштета од 40 милиони долари. Нападот наводно се случил на забава во Менхетн во 1986, кога Рап имал само 14 години.

На судењето, Спејси откри досега непознати детали од своето детство, при што го опиша татко му Томас Фаулер како пропаднат писател, неонацист, антисемитист и хомофоб.

„Никогаш досега не сум зборел јавно за ова. Пораснав во многу сложена семејна динамика“, кажа Спејси.

Тој откри дека бил вербално понижуван од татко му кога зборувал за својот сон да стане актер и дека бил принуден да слуша негови долги расистички и фанатични лекции.

„Токму расистичките и хомофобични ставови на татко ми долго време ме спречуваа јавно да се изјаснам како хомосексуалец“, кажа Спејси, кој првпат го призна ова дури откако Рап излезе со своите обвинувања во 2017.

Постариот брат на Спејси, Рендал, во едно интервју откри дека Фаулер ги злоставувал сите свои тројца синови и дека немале шанса за нормално детство.

Спејси беше еден од најпочитуваните актери во Холивид пред да почнат да се нижат обвинувања за недолично сексуално однесување, поради кои прво ја изгуби улогата во серијата „Куќа од карти“. Оттогаш излезе само еден негов филм и го глумеше првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман во документарно-игран филм.

(Фото: АП)