ПО 23 ГОДИНИ ПОДГОТОВКА, АТИНА ЌЕ ОТВОРИ МУЗЕЈ ПОСВЕТЕН НА МАРИЈА КАЛАС

Атина, (Ројтерс)

Нов музеј посветен на американско-грчката оперска дива Марија Калас ќе се отвори следното лето во Атина, што ќе се совпадне со 100-годишнината од нејзиното раѓање.

Музејот „Марија Калас“ ќе се наоѓа во срцето на Атина во реновирана неокласична зграда и во него ќе бидат изложени историски материјали, аудиоархива, ретки снимки и уникатна колекција плочи и лични предмети.

Градските власти почнаа да собираат предмети поврзани со Калас во 2000 и оттогаш музејот се збогатуваше преку донации од десетици установи и поединци. Градоначалникот Костас Бакојани вчера ја прими најновата донација од 50 лични предмети, за кои биле заинтересирани и Париз, Њујорк и други големи градови.

Марија Калас е родена во 1923 во Њујорк како дете на грчки доселеници. Повеќе од три децении беше една од најголемите оперски ѕвезди на светот, а почина во Париз во 1977.