КОМПЛЕТИРАНА ЛИСТАТА УЧЕСНИЦИ НА 24. ТАКСИРАТ, 12 ИМИЊА ЌЕ НАСТАПАТ НА ДВЕ БИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот Таксират ја заокружи програмата за своето 24. издание, што ќе се одржи на 7 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, при што е задржан концептот „за секого по нешто“.

Во Првата хала ќе има седум учесници. Од Германија доаѓаат легендарниот метал бенд „Содом“ и ѕвездата на светската електронска сцена Бен Клок. Хип-хоп сцената ќе ја претставуваат Британката Дијана де Брито попозната како ИАМДДБ и домашната група „Зад аголот“, а „Ла Пегатина“ ќе ги спои каталонската румба и ска музиката во уникатен панк звук. За да не биде запоставен регионот, тука е српскиот диско/поп-рок/електро бој бенд „Буч Кесиди“, а листата учесници ја дополни диџеј Флодер.

Малата сала повторно е резервирана за трап/хип-хоп, а ќе настапат Баша од Србија, Хиљсон Мандела од Хрватска и домашните имиња Принцес Донатсу, Донплаја и Јанг Дади.