Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ од Скопје утре (21 октомври) од 20 часот во Филхармонијата ќе го одбележи патрониот празник и 81 година постоење со свечениот концерт „Музичка приказна“.
На концертот ќе настапат ученици од музичкиот и балетскиот оддел, хорот и симфонискиот оркестар на училиштето, кои ќе изведат разновидна програма од класична, традиционална и современа музика, балет и танц.
Концертот ќе започне со химната на Македонија во изведба на училишниот хор и Детскиот хор „Пиколо“. На програмата се „Валцер на цвеќето“ од балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски, „Варијација на Никија“ од балетот „Бајадера“ на Лудвиг Минкус, „Повратешко оро“ и народната песна „Ни прела гора“ од Александар Сариевски.
Публиката ќе има можност да ги слушне и „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Марика мома убава“ од Томислав Зографски, дел од „Арлезијанка“ на Жорж Бизе и „Либертанго“ од Астор Пјацола. Концертот ќе заврши со познатите хитови „We Will Rock You“ и „We Are the Champions“ од групата „Квин“, во изведба на хорот, Детскиот хор „Пиколо“ и симфонискиот оркестар.
Диригенти се Весна Димчевска, Ле Фи Фи и Бехар Весели, а координатори се Слаѓана Спасеновска и Гордана Тасева-Илиевска. Идејата и реализацијата се на пијанистката Даница Стојанова, в. д. директорка на училиштето.
„Посакувам ‘Музичка приказна’ да допре до публиката и да остане долго во нејзиното сеќавање, зашто е создадена со многу љубов, посветеност и работа. ‘Илија Николовски-Луј’ одбележува 81 година постоење, врвен центар и расадник на таленти и уметници кои оставиле и продолжуваат да оставаат белег на меѓународните сцени и во највисоките културни институции“, вели Стојанова.