ПРЕТСТАВНИЧКАТА НА ТАЈЛАНД НА МИС УНИВЕРЗУМ НОСЕШЕ ФУСТАН НАПРАВЕН ОД ОТВОРАЧИ НА ЛИМЕНКИ

Њујорк, (Пипл)

Голем број фустани продефилираа на саботниот избор на Мис Универзум во Њу Орлеанс, на кој победи Американката Арбони Габриел, но еден привлече посебно внимание.

Дваесет и четиригодишната Мис Тајланд, Ана Свеангам-иам, излезе на сцената во сребрен вечерен фустан, кој, иако наречен „Скриен скапоцен дијамантски фустан“, беше целосно направен од отворачи на лименки. Фустанот е дело на тајландскиот моден бренд „Манират“ и за негова изработка биле искористени стотици алуминиумски отворачи, комбинирани со кристали на „Сваровски“.

Покрај стилот на фустанот, уникатна е и приказната што стои зад него. Свеангам-иам откри дека фустанот бил инспириран од нејзиното потекло.

„Растејќи со родители кои беа собирачи на ѓубре, како дете постојано бев окружена со отпад и предмети за рециклирање. Овој уникатен фустан е наменски скроен од фрлени и рециклирани материјали. Она што обично се смета за безвредно за многумина има вредност и убавина“, напиша Свеангам-иам на Инстаграм.

(Фото: Инстаграм)