ЛОНДОНСКАТА ЗООЛОШКА КРСТИ ОКАПИ ПО МЕГАН МАРКЛ

Лондон, (АП)

Зоолошката градина во Лондон одлучи да го именува новороденото окапи Меган, во чест на свршеницата на принцот Хари, американската актерка Меган Маркл.

Од градината соопштија дека животното родено на почетокот на декември беше наречено Меган за да ја прослави претстојната кралска свадба.

Окапи имаат шарени нозе како зебри, но припаѓаат на фамилијата на жирафи. Потеклото им е од Демократската Република Конго, а понекогаш ги нарекуваат шумска жирафа или зебра жирафа.

Официјалните претставници на зоолошката градина велат дека младиот цицач напредува добро и дека мајката на Меган, Они, ја чува додека спие.

Една од вработените во зоолошката, Гема Меткалф, рече дека „раѓањето на Меган е одлична можност да се привлече внимание кон окапи, што е исклучително загрозен вид”.

Венчавката на Хари и Маркл е закажана за 19 мај.