ЈО-ЈО МА НАСТАПИ СО ЊУЈОРШКАТА ФИЛХАРМОНИЈА И ИСТРАЖУВАШЕ КАКО СО МУЗИКА ДА СЕ ЗАСАКА ОКОЛИНАТА

Њујорк, (СМАРТ СДК.МК)

Јо-Јо Ма, еден од најголемите светски виолончелисти, завчеравечер настапи со Њујоршката филхармонија. Диригираше српската диригентка Даниела Кандилари, што беше нејзино деби во Њујоршката филхармонија.

На репертоарот беа дела на Дворжак (Осмата симфонија), Елгар (Концерт за чело и оркестар) и на современата композиторка Миси Мацоли („Трансфигурација на Ривер Руж“). На бис, Јо-Јо Ма изведе каталонска народна песна во аранжман на легендарниот Пабло Казалс.

„Запомнете дека можеме да се заљубиме во планетата каде и да живееме, дури и среде град“, рече Јо-Јо Ма. (Фото: Фејсбук)

Прочуен по своите неуморни истражувања и зелен активизам, на денот на концертот Јо-Јо Ма објави на својата фејсбук страна дека ден претходно учествувал во необично истражување поврзано со проект за обновување на гребените со остриги во Њујорк.

„По вчерашната проба со Њујоршката филхармонија, отидов со траект до островот Говернерс и им се придружив на прекрасните њујорчани – студенти, наставници, научници, волонтери и композиторката Анџелика Негрон – за да истражам како музиката и звукот можат да ни помогнат да се заљубиме во нашата околина. И да ја прославиме важноста на остригите за минатото и иднината на Њујорк. Запомнете дека можеме да се заљубиме во планетата каде и да живееме, дури и среде град“, рече Јо-Јо Ма.

Животот и кариерата на Јо-Јо Ма се доказ за неговото трајно верување во моќта на културата да генерира доверба и разбирање. Без разлика дали изведува нови или познати дела од репертоарот на виолончело, соработува со заедниците и институциите за да ја истражи улогата на културата во општеството или ангажирајќи се во неочекувани музички форми, тој се стреми да поттикне врски што ја поттикнуваат имагинацијата и ја зајакнуваат нашата човечност.

Јо-Јо Ма е роден во 1955 од родители Кинези кои живееле во Париз, каде што почнал да учи виолончело со татко му на четиригодишна возраст. Кога имал седум години, се преселил со семејството во Њујорк, каде што студирал виолончело во школата Џулијард, пред да продолжи со либералното уметничко образование на Харвард. Има снимено повеќе од 100 албуми, добитник е на 19 Греми награди и има настапувано за девет американски претседатели, последен пат по повод инаугурацијата на Џо Бајден. Добитник е на бројни награди, меѓу кои и Националниот медал на уметностите, Претседателскиот медал на слободата и наградата Биргит Нилсон. Тој е гласник на мирот на ОН од 2006 и беше признат како еден од 100-те највлијателни луѓе на магазинот „Тајм“ за 2020.

Најновиот албум на Јо-Јо Ма е „Бетовен за тројца: Симфонии бр. 2 и 5“, снимен со пијанистот Емануел Акс и виолинистот Леонидас Кавакос.

(Фото: СДК.МК)