Сите осум студиски албуми на „Екатарина Велика“ повторно ќе бидат објавени следната година, кога се одбележуваат четири децении од излегувањето на нејзиниот дебитантски албум „Катарина II“. Сеопфатната дискографија на еден од најзначајните авторски бендови во поранешна Југославија е резултат на долготрајната соработка помеѓу „ПГП РТС“, „ЗКП РТВ Словенија“ и Задужбината „Милан Младеновиќ“.
„Бидејќи следната година се 40 години од објавувањето на албумот ‘Катарина II‘, решивме да го одбележиме тоа на посебен начин, со ексклузивен бокс сет. Тој ќе ги содржи сите осум студиски албуми, плус едно концертно издание“, изјави директорот на „ПГП РТС“, Владимир Граиќ.
Во меѓувреме, на дигиталните сервиси повторно се достапни албумите на „ЕКВ“, „Љубав“, „Само пар година за нас“, „Дум дум“ и „Неко нас посматра“, кои се ремастеризирани директно од оригиналните студиски ленти.
(Фото: Редит)