ТОМ ХЕНКС ДОБИ ДВЕ ЗЛАТНИ МАЛИНИ, „РУСОКОСА“ ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈЛОШ ФИЛМ

Њујорк, (Вараети)

Русокоса“, биографскиот филм на „Нетфликс“ за Мерилин Монро, ја доби Златната малина за најлош филм, а двократниот оскаровец Том Хенкс триумфираше во две категории на наградите со кои во пресрет на Оскарите традиционално се избира најлошото во Холивуд во изминатата година.

За филмот на Ендрју Доминик, кој самиот беше награден за најлошо сценарио, беше кажано дека е „мизогинистички и неточен“ и дека „бесрамно го експлоатира сеќавањето на Мерилин Монро“. И покрај поделените критики за филмот, главната актерка Ана де Армас утре ќе се бори за Оскарот за најдобра женска улога.

Златна малина за најлош актер му припадна на Џаред Лето за „Морбиус“, а откако беа критикувани што ја номинираа 12-годишната Рајан Кјера Армстронг за најлоша актерка, организаторите си ја доделија себеси оваа награда.

Од трите номинации, Хенкс славеше во две категории: најлоша споредна машка улога и најлоша двојка (тој и лицето полно со латекс и смешниот акцент), двете за улогата на полковникот Том Паркер во „Елвис“.