Легендарниот британски бенд „Депеш мод“ го издаде својот нов, 15. студиски албум „Мементо мори“, чиј наслов, како што велат, бил избран уште пред ненадејната смрт на клавијатуристот Енди Флечер. Албумот содржи 12 песни и на една гостува фронтменот на „Psychedelic Furs“, Ричард Батлер.
„Смртта на Флеч само потврди дека албумот треба да се вика така. Иако мислевме дека тоа е добар наслов, сега сметаме дека е чесно така да се вика“, изјави гитаристот Мартин Гор.
Флечер (60), кој почина минатиот мај од срцев удар, учествуваше во создавањето на сите претходни 14 албуми. Тој бил врската помеѓу Гор и пејачот Дејв Гахан, кои признаваат дека никогаш не биле најдобри пријатели на светот.
„Флеч беше тој кој доаѓаше да ми каже: ‘Мартин не сака да се направи ова или она‘. Тој веќе не е со нас, па Мартин и јас мора да разговараме. Додека го снимавме албумот, Мартин кажа дека има впечаток како да го пронашол својот изгубен постар брат. Моравме повторно да комуницираме и тоа го обележа албумот“, кажа Гахан неодамна за француските медиуми.
Албумот има мрачни текстови, но не е депресивен.
„Насловот звучи морбидно, но можеме да го гледаме и на позитивен начин, во смисла да уживаме во секој ден најмногу што можеме“, кажа Гор.
(Фото: Фејсбук)