Бројни ѕвезди се собраа во Њујорк за Мет гала, најекстравагантниот моден настан на годината, кој овојпат беше посветен на покојниот дизајнер Карл Лагерфелд. Организран од Институтот за костуми на музејот Метрополитен, настанот има хуманитарен карактер и се присуствува само со покана. Оваа година, влезницата чинеше 50.000 долари, а за маса се плаќаше најмалку 300.000 долари.
Бидејќи годинашната тема беше „Карл Лагерфелд – Линија на убавина“, од 400-те гости се бараше да носат облека „во чест на Карл“. Некои сфатија дека тоа се однесува и на неговата славна мачка Шупет, па имаше и костуми на мачка, во што особено се истакна Џаред Лето. Иако беше поканета, Шупет не дојде на настанот.