Македонскиот рекордер Дарио Ивановски со време од 30:22 минути и Билсерин Сулејман со време од 36:58 минути победија на седмата ХалкЕко Скопје трча 10 км. На второто место во машка конкуренција беше Тирон Мамуша од Албанија (32:29), а трет Иван Пешовски (32:53). Кај жените, втора заврши Биљана Кираџиева од Србија (38:54 минути), а трета Маринела Цекова од Бугарија (40:30).
„Од локална трка која започна пред 7 години, ХалкЕко Скопје трка 10 км прерасна во меѓународна. Оваа трка е втората трка во Македонија која е призната од светските тркачки и атлетски федерации. Секоја година се зголемува бројот на учесници, што докажува дека нашите граѓани ги сакаат трчањето и здравиот начин на живот“, рече Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.
Околу 1.500 тркачи учествуваа на трката во организација на Сојузот на спортови на Скопје. Коорганизатори се Триатлон федерацијата на Македонија и АК Работнички, под покровителство на Агенција за млади и спорт и Град Скопје. Насловен спонзор е „Халкбанк“ АД Скопје.
(Фото: К. Попов)