Културно-уметнички друштва од Словенија, БиХ, Црна Гора, Србија, Бугарија и Македонија во мај се дел од меѓународната фолклорна манифестација во кочанските села Оризари и Зрновци, која обично е поврзана со ѓурѓовденските обичаи.
И двете места имаат по 3.000 жители и веќе една деценија живеат за овие смотри. Мештаните и голем број посетители од други градови и села од регионот го проследија дефилето на учесниците во Зрновци и Оризари, по што на отворените бини се одржаа целодневни фолклорни концерти.
Меѓу најредовните учесници се гостите од Крањ, Словенија.
„Повеќе од 36 години живееме во Крањ, каде што формиравме КУД, чии членови главно потекнуваат од Македонија. Во Крањ и околината нè има над 5.000“, велат Невенка и Миладин Младенови, кои потекнуваат токму од Зрновци и Оризари.
Милица Злобовиќ и Слаѓан Пуштиќ се водачи на играорната група од Херцег Нови.
„И ние сме редовни на овие игри, исто како што збратимените друштва од Македонија доаѓаат на фолклорни средби во Црна Гора“, вели Пуштиќ.
Десеттата смотра беше отворена со настап на домаќинот, КУД „Љупчо Сантов“, па следеа традиционалните ѓурѓовденски игри, како тегнење јаже, носење лажица со велигденско јајце во уста и трка во оризарски вреќи. На крајот се дегустираа кулинарски специјалитети од кочанскиот крај.
Т. ЈОВАНОВСКИ
(Фото: СДК.МК)