„ТЕПИХОТ НА БИГ ЛЕБОВСКИ“ НА АЛТЕРНАТИВНАТА ТРУПА „ПРОБАТОН“ ОД СВЕТИ НИКОЛЕ ПРЕМИЕРНО ВО ШТИПСКИОТ ТЕАТАР

Штип, (СмартСДК.МК)

Алтернативниот театар „Пробатон“ од Свети Николе вечерва ќе има премиера на „Тепихот на Биг Лебовски“ на режисерот Ѓорѓи Ризевски во Народниот театар во Штип.

„Публиката ќе има прилика да види мноштво динамични ликови но, за жал, никој со никого не се слуша доволно, ниту се разбира. Секој живее во својот сопствен свет. Секој е свој свет само за себе“, вели Ризевски.

Приказната, чиј автор е Сашо Костовски, започнува со еден тепих, а потоа следуваат куглање, пари, недоразбирања и низа ситуации во кои ништо не оди според планот.

Милорад Ангелов ја игра главната улога, а играат и Чедомир Митевски, Стефан Ѓорчев, Марко Трајковиќ, Марија Лазарова, Горан Илиќ, Леонтина Краљевска и Ведра Димова, а кореограф е Сања Русевска.

Алтернативниот театар „Пробатон“ е основан во 2025. Како независен театар во рамките на Славјанскиот универзитет во Свети Николе, се промовираше со претставите „Сега му е мајката“ и „Камења во неговите џебови“.

Т. ЈОВАНОВСКИ