Во изминатите години, 3-Д печатењето почна сè повеќе да се користи во градежништвото и Дубаи сега ќе ја добие првата џамија на светот изградена со оваа техника.
Двокатната структура ќе може да прими 600 верници и ќе има површина од 2.000 квадратни метри. Изградбата треба да почне на крајот на годината и да заврши во првото тримесечје од 2025.
„Решивме да изградиме ваква џамија зашто е нова и иновативна технологија со која можат да заштедат време и средства, во споредба со традиционалните методи на градење“, кажаа од владата на Дубаи.
Дубаи сака да биде „главен град на 3-Д печатењето на светот“ и во 2018 усвои стратегија која предвидува 25% од новите градби во емиратот до 2030 да бидат направени на овој начин. До 2019 го држеше светскиот рекорд за најголема 3-Д отпечатена зграда, висока 9,5 метри и со површина од 640 квадратни метри.