Шпанската тениска ѕвезда Гарбиње Мугуруса објави дека се свршила со своето момче Артур Борхес и дека подготвуваат свадба. Тоа е среќно продолжение на врската која почна по нивната случајна прва средба во њујоршкиот Сентрал Парк во 2021, додека 29-годишната Мугуруса настапуваше на Отвореното првенство на САД.
Поранешната шампионка на Ролан Гарос и Вимблдон и шпанскиот модел се запознале кога тој побарал селфи со неа.
„Мојот хотел беше блиску до Сентрал Парк и еднаш ми беше здодевно, па одлучив да прошетам. Излегов и налетав на него. Наеднаш, побара да се сликаме и ми посака среќа на Ју-Ес опен. По таа прва средба, се договоривме заедно да прошетаме во паркот и така почна нашата љубовна приказна“, раскажа Мугуруса за шпанското списание „ХОЛА!“.
Таа вели дека свадбата ќе се одржи во Шпанија, некаде покрај плажа.
Мугуруса, која беше и светски рекет број еден, минатиот септември објави дека зема пауза од тенисот на неодредено време.