Ѕвездата на португалското фадо, Мизија, вечерва го отвора 22. издание на Офф-фест, со концерт во Националната опера и балет, кој почнува во 20 часот. Фестивалот ќе трае до 10 јуни, а програмата ќе опфати музичари од Македонија, Естонија, Чешка, Велика Британија, Италија, Мароко и Конго.
Покрај НОБ, концертите ќе се одржуваат и во Младински културен центар.
Мизија ќе ја придружуваат тројца музичари, со кои ќе го претстави и својот последен албум. Нејзиниот настап е најавен како инспиративен аудио-визуелен перформанс.
„Мизија е пионер, слободен дух, која успеа да изгради своја патека во жанрот и веројатно затоа го доби прекарот ‘анархист на фадото‘. Првите успеси ги бележи во странство, прво во Шпанија и Јапонија, потоа во Франција и Германија. По Амалија Родригес, таа е втората пејачка која го однесе португалското фадо на најголемите светски концертни подиуми“, стои во најавата на концертот.
(Фото: ЕФЕ)