СПОРТОТ И ДРУЖЕЊЕТО МУ ПОМОГНАА НА СТЕФАН ТРПКОВСКИ ДА СЕ РАЗВИЕ ВО РЕЧИСИ САМОСТОЈНО МОМЧЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските олимпијци на Специјалната олимпијада во Берлин освоија пет медали, од кои едно злато, две сребра и две бронзи.

Стефан Трпковски цел живот е со спортот, кој толку многу му помогнал и го насочил во животот, што се развил во речиси самостојно момче. Сега на своите 25 години, Трпковски е успешен спортист и редовен освојувач на медали, што беше случај и на неодамнешната Специјална олимпијада во Берлин. Таму беше втор во пливачката дисциплина 100 метри грбно.

„Берлин ми беше трета олимпијада. Пред четири години во Абу Даби освоив злато во пливање, а пред тоа во Лос Анџелес зедов сребро и бронза“, вели Стефан, кој е роден со Даунов синдром.

Тренира во „Борис Трајковски“ двапати-трипати неделно, а кога има натпревари, и почесто. Има само пофални зборови за својот тренер Игор Димовски, за кого вели дека многу се ангажира и затоа резултатите се видливи.

„Со спорт се занимавам од најрана возраст, а во последните десет години најмногу се посветив на пливањето. Играм и фудбал, по малку и кошарка и сакам да танцувам“.

Важна улога во она што Стефан е денес имале неговите браќа.

„Стефан има и двајца браќа кои многу придонесоа да биде она што е денес, да биде социјализиран и да постигнува резултати. Со нив почна да тренира кошарка и сегашниот тренер на КК Феникс, Денис Дервишевиќ, дури го носеше на натпревари, па Стефан седеше на клупата со другите играчи. Сето тоа беше еден вид социјализација, што помогна тој да се развие во едно речиси самостојно момче“, кажа мајката на Стефан.

Г. КОНЕВ / Фото: К. ПОПОВ