КУМАНОВСКИ УМЕТНИК НАСЛИКА ГОЛЕМ МУРАЛ ВО КОЧАНИ СО МОТИВИ ОД ОПШТИНАТА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Кочани доби огромен колоритен мурал со главните белези на градот и општината на коj доминира оризот, а има и специфични објекти кои нешто значат во градот и фолклорни елементи од овој крај. Муралот се наоѓа на самиот влез во Кочани, на улицата Димитар Влахов. Автор е Дејвид Стоилковски од Куманово, кој со цртање мурали се занимава од 2019 година.

Од Општина Кочани само побарав автентични фотографии од главните белези на Кочани и целиот кочански крај и врз основа на тој архивски материјал, со помош на татко ми го направив ова дело“, вели Стоилковски.

Тој смета дека муралот ќе трае 10-15 години затоа што користи квалитетни фасадни бои кои се мошне отпорни на разни временски влијанија. Од Општина Кочани додаваат дека муралот ќе биде осветлен, а целиот уметнички проект е во рамките на програмата за одбележување на Петровденските и Павловденските денови.

Т. ЈОВАНОВСКИ