СРПСКАТА ПРЕТСТАВА „СЀ ЗА ЖЕНАТА“ ОСВОИ ГРАН ПРИ НА ФЕСТИВАЛОТ ЗА ДРАМСКИ АМАТЕРИ ВО КОЧАНИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Гран при наградата „Васил Ќортошев” на 63. издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани ја доби претставата „Сѐ за жените”, во изведба на аматерскиот театар „Мирко Таталовиќ Ќира” од Стара Пазова, Србија. Актерката од оваа претстава Бојана Урошевиќ ја доби наградата за главна женска улога.

Најдобар актер е Видан Станоев за претставата „Тестостерон”, во изведба на Аматерскиот театар при Домот на културата во Кавадарци. Наградите за најдобри споредни улоги им се доделија на Симона Петрушевска од претставата „Женидба“, во изведба на Училиштето за театар „Од игра до претстава” во Скопје и Мартин Мицкоски од претставата „Перфектни странци“, во изведба на учениците од гимназијата „Св. Климент Охридски” од Охрид.

Специјалната награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци ја доби „Кад бајка постане наша”, во изведба на Драма студио од Ниш. Наградата за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар ја прими претставата „Грета” на Училиштето за театар при младинската сцена на театарот „Бора Станковиќ” од Врање.

Жирито кое одлучуваше за наградите беше во состав Марина Поп Панкова, Никола Кузелов (актери) и Весна Куслеска (драматург). На програмата беа осум претстави од Македонија, Србија и Црна Гора, во избор на селекторката Ава Хусеини.

П. ПЕЧКОВ