БАЗЕНИ БЕЗ ВОДА И РАЧНО НАСЛИКАНО НЕБО – СВЕТОТ ВО „БАРБИ“ Е ТОЛКУ ВЕШТАЧКИ И АПСУРДЕН ШТО ИЗГЛЕДА РЕАЛНО

Њујорк, (Дезин)

Базени без вода, фрижидери со 2-Д храна и рачно насликани зајдисонца се дел од сценографијата на филмот „Барби“, што ја создадоа Сара Гринвуд и Кејти Спенсер, кои зад себе имаат по шест номинации за Оскар. Тие велат дека нивната цел била да создадат сет кој прикажува автентична извештаченост.

„Иако е целосно вештачки и апсурден, мораше да изгледа реално. Мора да верувате во тоа што го гледате. Режисерката Грета Гервиг сакаше филм со цел нов свет и го направивме токму тоа“, вели Спенсер.

Во долгоочекуваниот филм „Барби“, кој собира одлични критики по неодамнешната премиера, главните улоги ги толкуваат Марго Роби и Рајан Гослинг, кои им дадоа живот на легендарните кукли Барби и Кен. Барбиленд бил изграден во студиото на „Ворнер брос“ во англискиот град Вотфорд.

Марго Роби и Рајан Гослинг им дадоа живот на легендарните кукли Барби и Кен

Во филмот, Барби живее во розова куќа без надворешни ѕидови, а од покривот до рамниот син базен без вода води впечатлив спирален тобоган.

„Сѐ во Барбиленд е направено да биде 23 отсто помало во однос на актерите за да се имитира начинот на кој куклата Барби е секогаш многу поголема од нејзината куќа, иако е изградена за неа“, објаснува Гринвуд.

Таа и Спенсер креирале и разни други елементи кои го доловуваат фактот дека Барбиленд е свет без воздух, вода и струја, а во позадина се рачно насликани дводимензионални планини, палми и небо.

Претходно беше објавено дека за потребите на снимањето биле потрошени сите светски залихи на розова боја од една компанија за бои.

(Фото: Ворнер брос)