НОВООТКРИЕНАТА КОМЕТА НИШИМУРА БИ МОЖЕЛА ДА БИДЕ ВИДЛИВА СО ГОЛО ОКО ВИКЕНДОВ

Париз, (АФП)

Кометата Нишимура, која беше откриена пред само еден месец, би можела да биде видлива со голо око овој викенд, бидејќи доаѓа во нашето космичко соседство за првпат по 437 години. Топката од карпи и мраз, чија точна големина не е позната, е именувана според јапонскиот аматерски астроном Хидео Нишимура, кој прв ја забележал на 12 август.

„Многу е ретко кометите да го достигнат врвот на својата видливост така брзо по откривањето. Повеќето се откриени неколку месеци, па дури и години, пред да поминат најблиску до сонцето“, изјави Никола Бивер, астрофизичар од Париската опсерваторија.

Според него, оваа комета се движи покрај сонцето на секои 437 години, што е долг орбитален период, во кој најголем дел од времето го поминува во ледената надворешност на Сончевиот систем.

Нишимура безопасно ќе помине покрај Земјата на 12 септември, на растојание од 125 милиони километри. Најблиску до сонцето ќе дојде на 17 септември, кога ќе биде оддалечена од него 33 милиони километри, по што ќе го напушти Сончевиот систем.

Бивер вели дека кометата најубаво ќе може да се набљудува в сабота и недела, особено во северната полутопка. Ако условите бидат добри, ќе може да се набљудува и со голо око.

(Фото: АП)