ЃОКОВИЌ БИ МОЖЕЛ ДА ИГРА ДО 2028 ЗАШТО СОНУВА ДА ОСВОИ ОЛИМПИСКО ЗЛАТО

Белград, (Н1)

Откако со триумфот на Отвореното првенство на САД го израмни апсолутниот рекорд од 24 освоени гренд слем титули, на Новак Ѓоковиќ му останува една неостварена спортска желба – олимписко злато. Следната шанса ќе ја има догодина во Париз, но вели дека тоа би можело да биде прерано за завршување на кариерата.

Неговиот тренер Горан Иванишевиќ изјави дека Ѓоковиќ би можел да игра и на Олимписките игри 2028 во Лос Анџелес.

Олимписко злато ми е цел што се надевам ќе ја остварам до крајот на кариерата. На секои четири години се и ако во Париз не ја завршам кариерата, тогаш одиме до Лос Анџелес. Тоа зависи од многу фактори во срцето и душата. Ако имам мотивација кога ќе се разбудам и ако тоа има смисла за мене и за моите најблиски, тогаш ќе продолжам да играм. Имам поддршка, но уште колку ќе играм, не знам“, кажа Ѓоковиќ по победата над Данил Медведев во финалето во Њујорк.

Тој денеска повторно го презеде врвот на АТП-листата, каде што сега има убедлива предност во однос на второпласираниот Карлос Алкарас.

Не ми е цел постојано да бидам на првото место, но ако тоа дојде како последица на добрите резултати, тогаш во ред. Ова ми беше најважното, оваа година остварив сѐ што сакав“, изјави Ѓоковиќ.

(Фото: АП)