НАЈИНОВАТИВНИ АВТОДИЗАЈНИ ЗА 2018 ГОДИНА

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Наредните 12 месеци ќе ни покажат колку е динамична глобалната автомобилска индустрија во поглед на технологијата, иновативноста и дизајнот.

Грижата за околината и примената на вештачката интелигенција ги носат автопроизводителите во најразлични насоки, но ова би можела да биде и година кога електричните автомобили ќе влезат и во понудата на најкомерцијалните компании.

ТОЈОТА КОНЦЕПТ-и

Возила како ова, можеби, нема да видиме на патиштата оваа година, но развојот на автомобилите со автономно возење секако ќе се зголеми. Очекувајте голем број модели способни да примаат податоци и пораки од околината, а оние кои седат на предни седишта да не мора да гледаат напред при возењето.

ФОЛКСВАГЕН ИД КОНЦЕПТ

Се очекува да се појави во наредните 12 месеци. Ќе ја има должината на класичен „голф“, но во кабината ќе има простор колку во поголем „пасат“. Ова во иднина ќе стане сѐ почеста карактеристика.

ЛАМБОРГИНИ УРУС

Теренците остануваат голем бизнис, а сега во него се вклучуваат и италијанските луксузни брендови. „Урус“ е првиот СУВ на „Ламборгини“ во последните 20 години, но негова конкуренција доаѓа од компанија чии челници ветуваа дека никогаш нема да произведат таков тип на возило – „Ферари“.

ЈАГУАР И-ПЕЈС

Ова треба да е модел од клучно значење за стариот британски бренд. Дизајнерот Јан Калум и неговиот тим го споија традиционалниот спортски карактер на „јагуарот“ со изгледот на кросовер.

МЕРЦЕДЕС-БЕНЦ КОНЦЕПТ ЕКЈУ

2018 треба да биде голема година за „Мерцедес“. Покрај новата „А-класа“, најавена е производствена верзија на моделот наречен ЕКју. Тоа е првиот од новата фамилија електрични автомобили на компанијата и ќе се базира на шасија што ќе работи само на електрична енергија. Тоа е принципот што го промовираше „Тесла“ и ЕКју ќе ни навести како големите автопроизводители во иднина ќе го користат неговиот потенцијал.

КОНТРОЛНА ТАБЛА ХАРМАН

Претставен на Саемот за електроника во Лас Вегас, концептот на „Харман“, кој е во сопственост на „Самсунг“, користи 28-инчен КјуЛЕД широк екран. Освен тоа што оваа технологија почна да влегува во автоиндустријата, што пошироко се очекува од 2019 година, овој дизајн ни демонстрира и како дисплеите можат да се вклопат во кокпит на суптилен, софистициран начин.