ДЕЈВИД БОУВИ БЕШЕ ДАРЕЖЛИВ ПРИЈАТЕЛ, РЕЧЕ ФОТОГРАФОТ ЏЕФ МЕКОРМАК ЧИЈА ИЗЛОЖБА СО СЛИКИ ОД РОК-ЅВЕЗДАТА СЕ ОТВОРИ ВО АНГЛИЈА

Лондон, (Би-Би-Си)

Во галерија во Дил, Англија е отворена изложба со колекција на фотографии на Дејвид Боуви, направени од еден од неговите доживотни пријатели.

Изложбата е на Џеф Мекормак, кој одеше на училиште со ѕвездата.

Има 18 слики од зад сцената на Боуви, сите направени на турнеја со влијателниот музичар во текот на 1970-тите.

Сопственикот на галеријата Ричард Тејлор-Џонс рече дека снимките го покажуваат Боуви како најопуштен и неформален, целосно спокоен пред објективот на камерата на неговиот пријател.

Дејвид Боуви и Џеф Мекормак беа пријатели 60 години. Мекормак го запознал Боуви, тогаш познат како Дејвид Џонс кога имал само осум години во основното училиште во Бромли, југоисточен Лондон.

Слика од Дејвид Боуви на турнеја во седумдесетите. (Фото: Џ. Мекормак)

Мекормак рече: „Се врзавме поради љубовта кон Литл Ричард и џезот и останавме пријатели цел живот со Дејвид“.

Во раните 1970-ти, тој му се придружил на Боуви како придружен музичар и вокал на неговата светска турнеја.

Сите фотографии на изложбата се направени на турнеја помеѓу 1973 и 1976 година, а некои се потпишани лично од Боуви, кој почина од рак на 69 години во 2016 година.

Зборувајќи за нивното 60-годишно пријателство, Мекормак рече: „Бев неверојатно привилегиран што го познавам Дејвид и тоа пријателство ми е многу важно. Дејвид беше љубезен и дарежлив пријател.“