МУЛТИМЕДИЈАЛНА ИЗЛОЖБА ВО ВЕЛЕС ВО ЧЕСТ НА ПРЕРАНО ПОЧИНАТИОТ УМЕТНИК МАТИЈАС БОЖИНОВ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес е отворена мултимедијалната изложба „Матијас (беш)е тука“ на Марија Трпеска и Стефан Анчевски. Таа документира дел од уметничкиот живот на Матијас Александар Божинов, кој трагично починал додека бил студент.

Изложбата е дело на неговите колеги од студентските денови, кои низ серија фотографии го рефлектираат интимното доживување на времето и местата на битисувањето со нивниот драг пријател.

„Матијас не успеа да дипломира, не успеа да има изложба. Оваа изложба е негова изложба, делата се негови, ние само тука оставаме трага за Матијас“, кажа Анчевски, визуелниот уметник кој твори во Куманово.

„Матијас беше наш колега, пријател и другар од факултетските денови. Кога дипломиравме со Стефан одлучивме да создадеме еден омаж за Матијас, вклучувајќи негово дело – скулптура. Така го одбележуваме неговото присуство во нашите животи, тој и натаму живее во нас“, рече Трпеска, која живее и твори во Скопје.

Божинов, кој по потекло беше од Струмица, починал додека бил трета година студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Промоторка на изложбата беше Емилија Каревска.

„Ова визуелно творештво и патување на блиски пријатели и колеги на Матијас носи суштинска приказна. Пораката која ја испраќаат е квалитативна за животот на делото по физичката загуба на авторот“, порача Каревска.

П. ПЕЧКОВ