Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиза Кудроу, Мет Лебланк и Дејвид Швимер му оддадоа почит на починатиот актер и пријател Метју Пери, кој го играше Чендлер Бинг во хит-серијата „Пријатели“. Три дена по ненадејната смрт на Пери, неговите колеги од серијата дадоа заедничка изјава за „Пипл“.
„Сите сме скршени од загубата на Метју. Бевме повеќе од обични другари. Ние сме семејство. Има толку многу да се каже, но ќе си дадеме време да тагуваме и да ја процесираме оваа загуба. Со време ќе кажеме повеќе, кога ќе можеме. Засега, нашите мисли и љубов се со семејството на Мети, неговите пријатели и сите кои го сакаа ширум светот“, стои во пораката потпишана од Анистон, Кокс, Кудроу, Лебланк и Швимер.
Десет години Пери го играше саркастичниот Чендлер Бинг со совршена комична изведба, што му донесе номинација за Еми во 2002.
На кокреаторите на серијата Марта Кофман и Дејвид Крејн им се придружи извршниот продуцент Кевин Брајт во објавувањето на заедничка изјава во неделата.
„Шокирани сме и многу, многу тажни поради смртта на нашиот сакан пријател Метју. Сè уште изгледа невозможно. Сè што можеме да кажеме е дека се чувствуваме благословено што го имавме како дел од нашите животи. Тој беше брилијантен талент. Ова навистина е онаа епизода каде што нашите срца се скршени“, изјавија продуцентите на серијата.
Меѓу другите актери од „Пријатели“ почит му оддадоа Меги Вилер, која ја толкуваше девојката на Чендлер, Џенис и Елиот Гулд, кој го играше Џек Гелер, таткото на Моника.
(Фото: АП)