ОСМА ЗЛАТНА ТОПКА ЗА ЛЕО МЕСИ, ПРВА ЗА ШПАНКАТА АИТАНА БОНМАТИ

Париз, (Би-Би-Си)

Лео Меси по осми пат ја доби Златната топка за најдобар светски фудбалер, додека во женска конкуренција славеше шпанската плејмејкерка Аитана Бонмати.

Триесет и шестгодишниот Меси, кој сега игра за Интер Мајами, беше награден откако лани ја предводеше Аргентина до титулата на Светското првенство во Катар. Зад него во изборот се пласираа Норвежанецот Ерлинг Холанд и Французинот Килијан Мбапе.

„Убаво е уште еднаш да се ужива во ваков момент. Не можев ни да ги замислам кариерата што ја имам и сето она што го постигнав, но и богатството да бидам дел од најдобриот тим на светот. Сите златни топки се посебни од различни причини“, кажа Меси, кој ја прими првата Златна топка во 2009.

За изборот на најдобриот фудбалер оваа година гласаа 100 новинари од целиот свет. Меси сега има три златни топки повеќе од Кристијано Роналдо, кој не се ни најде во завршниот избор.

Бонмати (25), пак, првпат се закити со ова престижно признание. Таа освои три големи трофеи во изминатиот период: шпанското првенство и Лигата на шампионите со Барселона и Светското првенство во Австралија и Нов Зеланд со Шпанија, прво за нејзината земја. Во август, и УЕФА ја прогласи за најдобра фудбалерка.