ПРЕТЕРУВАЊЕТО СО ГЛУТЕН, КАФЕ И ПРЖЕНА ХРАНА МОЖЕ ДА СОЗДАДЕ МОЗОЧНА МАГЛА, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ

САД, (Ит Дис)

Потешкотии во помнењето и проблеми со фокусирањето е она што стручњаците го нарекуваат „мозочна магла“. Вообичаени причини за оваа состојба се стрес или тага, но и она што го јадеме може да доведе до вакви проблеми.

Сајтот „Ит дис“ објави дека пекарските производи како леб, мафини и крофни, како и претерувањето со житарки за појадок ги зголемуваат проблемите со фокусирањето и го отежнуваат помнењето. Глутенот може да доведе до системско воспаление кое влијае на бројни телесни системи, вклучувајќи го и мозокот. Ова воспаление може да резултира со состојба на когнитивно оштетување.

„И алкохолот е голем виновник за мозочната магла“, вели американската нутриционистка Мелиса Митри.

Додава дека и редовното јадење пржена храна може да доведе до зголемено воспаление во телото, фактор кој придонесува за појава на мозочна магла.

Претерувањето со кафе и чај исто така може да предизвика когнитивни нарушувања. Парадоксално е што иако мали количини кофеин можат да ги подобрат будноста и концентрацијата, прекумерното пиење кафе често води до спротивен ефект и може да резултира со замор и главоболки.