Питер Џексон призна дека многу се колебал дали да го режира спотот за новата и последна песна на „Битлс“, сметајќи дека тоа е преголема одговорност. Песната „Сега и тогаш“ (Now And Then) беше објавена на 2 ноември, 45 години откако Џон Ленон првпат ја напишал и снимил како демо, а следниот ден излезе и спотот, кој содржи нови, стари и досега невидени снимки од групата.
„Многу се двоумев дали да го режирам спотот. Да бидам искрен, самата помисла да правам спот вреден за последната песна на ‘Битлс‘ некогаш објавена ми предизвикуваше речиси неподнослива анксиозност. Мојата доживотна љубов за ‘Битлс‘ се судри со ѕид на чист ужас поради помислата дека би можел да ги изневерам сите. Поради тоа чувствував силна несигурност во себеси зашто никогаш досега не сум снимал музички спот. Не знаев како да почнам да правам спот за бенд кој се распадна пред повеќе од 50 години, па уште за песна која никогаш порано не ја извел, а половина од членовите веќе не се со нас“, изјави Џексон.
Преживеаните членови на групата првпат се обиделе да ја снимат песната во 1995, но се откажале откако се соочиле со технолошки проблеми. Од тие сесии биле зачувани гитарските делници на Џорџ Харисон кои се вклучени во конечната верзија, со што сите четворица членови се појавуваат на „Сега и тогаш“.
Песната ја спасил токму Џексон и тоа со помош на технологија со вештачка интелигенција, што тој и неговиот тим ја развиле за снимањето на документарната минисерија за „Битлс“, „Get Back“. Таа овозможила да се извлече гласот на Ленон од оригиналната касета.