Кол Палмер, Езри Конса и Рико Луис за првпат се повикани во англиската фудбалска репрезентација и ќе имаат шанса да дебитираат против Малта и Македонија на претстојните квалификациски средби за ЕП 2024. Тие дополнително добија повик од селекторот Саутгејт откако Џејмс Мадисон, Калум Вилсон и Луис Данк отпаднаа поради повреди.
Неизвесен е и настапот на Џуд Белингам, кој пред неколку дена повреди рамо. Дваесетгодишниот Белингам игра одлична прва сезона во дресот на Реал Мадрид и на неодамнешното доделување на Златната топка беше прогласен за најдобар млад фудбалер на светот.
Палмер беше дел од младата селекција на Англија која летоска стана европски првак, по што направи трансфер од Манчестер сити во Челзи, каде што е првотимец. И Луис (18) учествуваше во освојувањето на тројната круна на Сити минатата сезона, додека Конса (26) е бек на Астон вила, која е петта во Премиерлигата.