Екипата на „Наполеон“, предводена од режисерот Ридли Скот, се собра во Париз за светската премиера на филмот, излегувајќи на црвен тепих неколку дена по завршувањето на штрајкот на холивудските актери.
Хоакин Феникс го глуми Наполеон, кој во филмот е прикажан како безмилосен воен стратег кој има и помека, ранлива страна, што ѝ е позната на неговата сопруга Жозефина, која ја игра Ванеса Кирби.
Кирби, која ја доби улогата откако Џоди Комер се откажа поради други обврски, изјави дека нејзината изведба е заснована на различни описи на Жозефина, која се развела од Наполеон откако не успеала да му роди наследник.
„Учев за предизвикот да се биде женствен во крајно машки свет и притоа да се зачува достоинството“, изјави Кирби.
Сниман за време на пандемијата, филмот ги содржи и славните битки кај Аустерлиц, Москва и Ватерло.
„Наполеон можеби бил тиранин и моќник, но исто така бил човек лудо вљубен во една жена“, изјави Тахар Рахим, кој го глуми францускиот политичар Пол Барас.
(Фото: Гети)