ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ТРИБИНА ПОСВЕТЕНА НА ГРЧКИОТ ПИСАТЕЛ НИКОС КАЗАНЅАКИС, АВТОРОТ НА „ГРКОТ ЗОРБА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Амбасадата на Грција во Скопје, во соработка со Меѓународното друштво на пријатели на Никос Казанѕакис, организира настан посветен на овој грчки писател. Ќе се одржи на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на 24 ноември од 12:30 часот и ќе биде отворен за јавност.

Притоа ќе се прикаже и документарен филм за животот и делото на Казанѕакис (1883-1957), кој се прослави со романот „Животот и времето на Алексис Зорбас“.

Инспирацијата за овој роман бил Јоргос (Алексис) Зорбас, кој речиси две децении, од 1922 до смртта во 1941 година, живеел во Скопје, заедно со ќерка му. Бил погребан во близина на Скопје, за подоцна неговите останки да бидат префрлени во семејната гробница во Бутел. Според романот на Казанѕакис е снимен и легендарниот филм „Гркот Зорба“ од 1964.

Настанот се одржува во рамките на Меѓународната научна конференција „Средби и текстови на Казанѕакис за странски писатели и уметници“, по повод 140 години од неговото раѓање и 35 години од формирањето на Меѓународното друштво на пријатели на Никос Казанѕакис.