Легендарниот американски рок бенд „Кис“ ги претстави своите дигитални аватари на крајот на последниот концерт во својата историја, што се одржа во Њујорк. Технологијата, развиена за ланските концерти на „АББА“, ќе ѝ овозможи на групата да остане на сцената и по пензионирањето.
„Бендот на овој начин може да остане засекогаш млад и бесмртен. Она што сме го постигнале е неверојатно, но не е доволно. Бендот заслужува да живее понатаму зашто е поголем од нас“, изјави фронтменот Пол Стенли.
Аватарите се дизајнирани од компанијата за специјални ефекти на Џорџ Лукас и финансирани од шведскиот конгломерат „Попхаус“, чиј косопственик е Бјерн Улвеус од „АББА“. Овие две компании соработуваа и за турнејата „Патување“ на „АББА“, на која беа рекреирани концертите на шведската четворка од 1970-тите.
Сепак, аватарите на „Кис“ не се толку засновани на реалноста како дигиталните реплики на „АББА“. Ликовите кои се појавија на концертот во Њујорк беа високи два и пол метри, лебдеа над публиката и испуштаа оган и струја. Групата засега ги нема објавено своите планови за овие аватари, кои се направени врз основа на движењата на членовите на концертите минатата година.
(Фото: АП)