ПРЕМИЕРА НА „ДЕМНЕЈЌИ ГО ГОДО“, ПРВА КОПРОДУКЦИЈА НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА И ТУРСКИ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На малата сцена во Театар Комедија, вечерва (12 декември) од 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар. Станува збор за прва копродукциска соработка помеѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше речиси три месеци.

Режисерка е Сибел Авдиу, а играат Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика е Аљбин Сопа.

„Делото ‘Демнејќи го Годо’ на Драго Јанчар, за кое може да се каже дека е еден вид парафраза на апсурдната класика ‘Чекајќи го Годо’ прикажана во едно поинакво време и во поинаква средина, се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството, кое со помош на тие механизми го обликува постоењето на човекот. Но, без разлика на тоа што овој драмски текст е сериозен во однос на тематиката, мајсторијата на Јанчар е во тоа што успеал сето тоа да го покаже низ призма на апсурдни ситуации, кои сами по себе може да се толкуваат и како комични, а во суштината се трагични“, велат од Театар Комедија.