МЕСИ ЌЕ ИГРА ПРОТИВ РОНАЛДО ПРВПАТ ПО ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА

Мајами, (Ројтерс)

По повеќе од една година пауза, Лео Меси и Кристијано Роналдо повторно ќе играат еден против друг, иако сега настапуваат на различни страни од светот.

Интер Мајами на Меси ќе гостува во Саудиска Арабија во почетокот на следната година, при што ќе одигра две ревијални средби, од кои и против Ал-Наср на Роналдо на 1 февруари. Овие мечеви ќе бидат дел од Сезонскиот куп во Ријад.

Меси и Роналдо досега се имаат соочено 36 пати на клупски и репрезентативен план, при што Меси има 16, а Роналдо 11 победи.

По заминувањето на Роналдо од Реал Мадрид во 2018, во следните четири сезони тие имаа само еден официјален дуел, во декември 2020 во Лигата на шампионите. Последен пат играа еден против друг во јануари 2023, на егзибициски натпревар во Ријад.