БРИТАНЦИТЕ ВООДУШЕВЕНИ ОД СИМОН ТРПЧЕСКИ НА КОНЦЕРТОТ СО ЛОНДОНСКИОТ СИМФОНИСКИ ОРКЕСТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Одлични рецензии со големи воодушевувања излегоа во најугледните лондонски медиуми по двата концерта на пијанистот Симон Трпчески со Лондонскиот симфониски оркестар и диригентот Џанандреа Нозеда од Италија, соопшти Здружението за култура и уметност КултурОп.

Нозеда е музички директор на Националниот симфониски оркестар од Вашингтон и главен гостин-диригент на Лондонскиот симфониски оркестар.

Во две вечери во салата „Барбикан“ во Лондон, на 7 и 10 декември, музичарите хронолошки ги изведоа Првиот и Вториот концерт за пијано и оркестар од Брамс.

„Симон Трпчески беше остроумен и елегантен солист во Вториот концерт за пијано на Брамс. Тој внесе многу тежина, увид и драма во органски развивачкиот почетен став и турбулентното скерцо, а, сепак, деликатноста на неговото свирење најмногу ќе остане во сеќавање на друго место – чувството за тивка тишина во центарот на бавниот став или грациозноста на финалето, со неговите ненагласени елеганција и духовитост“, пишува критичарот на „Гардијан“, Тим Ешли.

(Фото: КултурОп)

Рецензентот на „Стандард“, Бери Милингтон, вели:

„Македонскиот пијанист Симон Трпчески има лојални следбеници и можете да видите зошто. Вториот концерт за пијано во Б-дур беше технички брилијантен, но полн со суптилни детали. Елоквентноста со која Тимоти Џонс го свиреше воведното соло на хорна беше усогласена со извонредниот одговор на Трпчески, формулиран и одмерен до совршенство. Не сум го слушнал овој концерт изведен со таква воодушевувачки експресивна широчина откако Даниел Баренбоим го свиреше во истата сала пред 18 години“, вели Милингтон.

Снимката од нивната изведба на Вториот концерт за пијано и оркестар ќе биде емитувана на Третата програма на „Би-Би-Си“ на 19 февруари.

Трпчески, вели КултурОп, концертната 2023 година ќе ја заокружи на 23 декември во салата „Коларац“ во Белград, каде што со Симфонискиот оркестар на Српската радио-телевизија и шеф-диригентот Бојан Суѓиќ ќе го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Сергеј Рахманинов.

(Фото: КултурОп)