ЧУДНО МИ Е КОГА ВО СЛОВЕНИЈА НА УЛИЦА ЌЕ МИ РЕЧАТ „ВЕ МОЛАМ“ И „ИЗВИНЕТЕ“, ВЕЛИ БОРА ЃОРЃЕВИЌ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српскиот рокер Бора Ѓорѓевиќ со неговиот бенд „Рибља Чорба“ ќе одржи концерт во Скопје утревечер (16 декември) во салата „Борис Трајковски“ од 21 часот во организација на продукцијата „Прагма“. Како предгрупа ќе настапи хрватската рок-група „Атомско склониште“.

Бора Ѓорѓевиќ сега живее во Словенија и вели дека на почетокот му било чудно што од Балканот се преселил во Европската Унија.

„Живеам во Словенија со мојата сопруга. На почетокот ми беше чудно што од Белград, кој е сепак Балкан, заминав во Европа, но ако подобро размислам, исто ми доаѓа. Сакам да прошетам низ Љубљана и таму луѓето ме застануваат да се сликаат со мене, исто како во Белград. Само, разликата е во тоа што Словенците прво ќе кажат: ‘Извинете што ви пречиме, дали ќе може да се сликаме?’, а во Белград кога ќе ме застанат на улица, ќе ми речат: ‘Па, кај си бе Боро, мајката твоја?“, ни изјави Ѓорѓевиќ за време на снимањето на емисијата „Еден на еден“.

Музичарот додава дека концертот кој се одржа во јули во Охрид му останал во најубаво сеќавање.

„Такво нешто ни на сон не очекував, таква топла реакција на публиката“, кажа музичарот.

На концертот во Охрид дел од песните беа посветени на басистот Миша Алексиќ, кој почина во 2020 година. Ѓорѓевиќ вели дека е горд што со бендот снимил нов албум, кој е 21. по ред.

М. ЏАРОВСКА