УЧЕНИЦИ ОД ВИНИЦА НАПРАВИЈА ИЗЛОЖБА НА ДИЗАЈНЕРСКИ ПРОИЗВОДИ ОД ОРИЗОВ ОТПАД

Виница, (СМАРТ СДК.МК)

Македонското модно здружение „Скопје“ заедно со дваесетина ученици од ОУ „Ванчо Прке“ од Виница одржаа изложба на тема „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во Општина Кочани и Општина Виница“. Изложбата во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница се одржува под слоганот „Како може оризовиот отпад да се трансформира во дизајн?“.

Под менторство на искусни дизајнери и уметници, младите креативци ги прикажаа резултатите од творењето во изминатите неколку месеци. Преку практични работилници, теоретска настава и креации, учениците покажаа како можат да се развијат нови дизајни на производи од оризовиот отпад (арпа и слама). Со уметност и иновација, тие покажаа на каков начин може да се искористи потенцијалот на земјоделскиот отпад како алтернативна суровина во производството и дизајнот.

Изложбата ќе биде отворена до 21 декември.