МАЈКА МИ ЕСМА МЕ ЗГРИЖИ НА 17 ГОДИНИ И МЕ НАУЧИ ДА ПОДЕЛАМ АКО ИМАМ ПОВЕЌЕ, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА ЕЛЕОНОРА БОНИ КОЈА ГО ОСНОВА ЗДРУЖЕНИТО „ЕСМА“ ВО БЕЛГИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Единствената ќерка на Есма Реџепова-Теодосиевска, Елеонора Мустафова- Бони која настапува под уметничкото име Малиша, ја сними својата нова песна „Робинка“ на српски јазик. Нејзин менаџер и автор на песната е синот на Есма, Симеон Атанасов кој сега живее во Австрија, а аранжманот е на Енчо Расимов, син на долгогодишниот пејач на ромска музика, Ахмет Расимов.

„Есма ми беше како вистинска мајка, иако небиолошка, но за годините што ги поминав со неа научив многу. Пред сѐ, научив да го почитувам и најмалото нешто, да ги прифаќам луѓето онакви какви што се, да поделам секогаш нешто ако имам повеќе. Но, најбитнотото што го научив е за музиката, да ја слушам прво со срце, а потоа со уши. Ако музика не се слуша со срце не може човек да ја почувствува нејзината вистинската вредност. Нејзините совети секогаш беа мајчински и многу искрени. Знаеше да каже: ‘Мила моја, почитувај ја публиката, таа е секогаш во право, ако некој платил билет за да те види и да ја слуша твојата музика, тоа е за почит’, кажа пејачката.

Елеонора Бони живее во Белгија со сопругот Оливие, и сними нова песна на српски јазик (Фото: Фејсбук)

Таа од 2019 година живее во Белгија со сопругот Оливие Бони, а новата песна ја снима по пауза од четири години.

„Бидејќи бев единствена девојка по 47 машки деца, сите внимаваа да бидам згрижена и да не ми фали нешто. Имав 17 години, за мене беше сѐ ново кога дојдов да живеам во Скопје. Таа беше величина за мене а јас требаше да живеам со неа, и тоа навистина беше голем предизвик за мене. Живееме заедно и имав прекрасни денови со неа“, се сеќава Мустафова која е по потекло од Кратово. Кога дознала дека „Есмас бенд“ кој го основа синот на Есма, музичарот Симеон Атанасов бара пејачка, му испратила меил, а Атанасов за неколку дена ѝ се јавил.

„За мене е голема среќа и предизвик што бев избрана за вокал на групата помеѓу 150 девојки. Од 2009 година сум член на бендот, но градам и соло кариера“, ни изјави Мустафова. Нејзината нова песна е снимена во студиото на Љупчо Павлоски, а видеото го режираше Луси Иларионов од Бугарија.

Во Белгија, со својот сопруг Оливие Бони, го основаа здружението „Есма- Крстосница на културите“, кое има своја канцеларија во Брисел. Целта на здружението е промоција на ромската и на македонската музика и култура во Белгија.

М. ЏАРОВСКА