ХРАНАТА БОГАТА СО ПРОТЕИНИ КАКО ЈАЈЦА И РИБА ГО ПОДОБРУВА РАСПОЛОЖЕНИЕТО

САД, (Хелтлајн)

Познат како хормон на среќата, допаминот ги подобрува чувствата на благосостојба и задоволство. Вежбањето и други физички активности можат да предизвикаат зголемување на допаминот, но и со одредена храна може да се постигне истиот ефект.

Храната богата со протеини како риба и јајца е одлична за подобро расположение. Нутриционистите советуваат во исхраната да се додадат намирници богати со протеини. Така рибата е богата со омега-3 масни киселини кои играат голема улога во функцијата на допаминските рецептори.

Авокадото е извор на здрави масти и помага во контролата на нивото на шеќер во крвта. Исто така, содржи значителни количини витамин Б9, кој му помага на мозокот да произведува допамин.

Темното чоколадо е познато по тоа што е богато со антиоксиданси, но содржи и фенилетиламин, соединение кое може да го подобри расположението и со тоа да го зголеми нивото на допамин во мозокот. Тоа може да биде добра закуска пред тренинг бидејќи го зголемува нивото на енергија.

Како извор на здрави масти и други хранливи материи, јаткастите плодови и семките се повеќе од вкусни додатоци во оброците. Сите видови семиња како лен, тиква и чиа се одличен избор. Тие се богати и со тирозин – аминокиселина која го гради допаминот.