ТЕПИХОТ Е УМЕТНОСТ ОД НАЈВИСОК РАНГ ВО АЗЕРБЕЈЏАН

Баку, (Си-Ен-Ен)

За некои домот е местото каде што е срцето. Но, во Азербејџан е позната поговорката „xalçam harada, yurdum orada”, што значи „каде и да е мојот тепих, таму живеам“.

Нераскинлива е врската на Азербејџан со теписите, многу почитувана форма на уметност, која е вткаена во нејзината културна ДНК уште од бронзеното доба и зачувана потоа. Денес, теписите се суштински дел од секојдневниот живот.
Ги има насекаде: на ѕидовите и подовите во домовите и рестораните, изложени на купишта пред продавниците за сувенири и расфрлани на хаубите на ‘рѓосаните „лади“ паркирани покрај патот. Некои се плетени за посебни прилики: раѓања, свадби, родендени или погреби.

Фото: Си-Ен-Ен

Техниките на ткаење се пренесуваат од генерација на генерација и секој тепих има уникатна приказна за раскажување. Во 2010, УНЕСКО го впиша традиционалниот азербејџански килим на својата листа на нематеријално културно наследство.

Во главниот град Баку се наоѓа Националниот музеј на теписи, основан во 1967 од познатиот уметник и ткајач Латиф Каримов, кој го посветил својот живот на славењето и зачувувањето на азербејџанските теписи. Во времето на отворањето беше првиот музеј од ваков вид на светот. На својата сегашна локација се наоѓа од 2014 година и служи како истражувачки и едукативен центар. Дизајниран е од австрискиот архитект Франц Јанц. На неговите три ката е сместен калеидоскоп од азербејџански теписи – модерни и традиционални, наколни и рамно ткаени, како и текстил, керамика, накит и традиционални носии. Околу 6.000 теписи, кои датираат од 17. век до денес, потекнуваат од разни региони на земјата, од бреговите на Каспиското Море до планинскиот Карабах.

Во Баку се наоѓа Националниот музеј на теписи, основан во 1967 (Фото: Азербејџан бренд центар)

Двата типа на теписи во Азербејџан, рамно ткаен и ткаен на куп, се поделени во четири категории, во зависност од нивниот регион на потекло: Губа-Ширван, Гања-Газах, Карабах и Табриз. Повеќето се направени од волна од јагниња или овци, додека свилата се изработува исклучиво во Шеки, единствениот регион за производство на свила во земјата. Има осум вида теписи со рамно ткаење, а најпопуларни се килим и сумак, кои се одликуваат со смели, геометриски форми.
„Тепихот не е само уметност; тоа е длабока страст, извор на љубов и животен придружник“, вели 61-годишната Севињ Хаџиева од „Азерхалча“, организација за зачувување на вековната традиција на ткаење теписи и за заштита на жените кои му го посветуваат својот живот.

Фото: Национален музеј на теписи

Денес, зачувувањето на ткаењето на килими е толку важно за Азербејџан што се учи на некои универзитети и колеџи. Државниот универзитет за култура и уметност во Баку, на пример, нуди диплома за декоративна применета уметност (тепих, ткаење). За туристите има работилници за ткаење килими низ целата земја.

Фото: Фото: Национален музеј на теписи