МАР ГАЛСЕРАН ИСПИША ИСТОРИЈА КАКО ПРВАТА ПРАТЕНИЧКА СО ДАУНОВ СИНДРОМ ВО ШПАНИЈА И ЕВРОПА

Шпанија, (Гардијан)

Откако со децении се залагаше за правата на лицата со попреченост, Мар Галсеран неодамна ја пресели својата борба во парламентарните клупи откако стана првата пратеничка со Даунов синдром во историјата на Шпанија.

„Ова е невидено. Општеството почнува да гледа дека луѓето со Даунов синдром можат многу да придонесат. Но, тоа е многу долг пат“, вели 45-годишната Галсеран.

Таа се придружила на конзервативната Народна партија кога имала 18 години и полека се пробивала низ нејзините структури. Тоа кулминираше минатиот мај, кога успеа да влезе во парламентот на Валенсија по регионалните избори во Шпанија. Според Шпанската федерација за Даунов синдром, тоа е прв ваков случај во Европа.

Ова следува десет години откако Анхела Бачилер стана првата градска советничка со Даунов синдром во Шпанија, кога беше избрана во локалната власт во Ваљадолид.

„Многу луѓе ме поддржуваат, но има и такви кои мислат дека не сум способна. Но, тоа се луѓето кои не ме познаваат“, вели Галсеран, свесна дека новата улога доаѓа со огромна одговорност.

„Сакам луѓето да ме гледаат како личност, не само мојата попреченост“.

(Фото: АФП)