Танчарите со Даунов синдром од танцовото студио „Денсерс јунајтед МК“ настапија на Школка во Градски парк во Скопје, на прославата на Денот на независноста – 8 Септември. Прославата се одржа под мотото „Боите на независноста“, а настапија и повеќе музичари и бендови.

Танчарите од „Денсерс јунајтед МК“ во мај освоија златен медал на Европското првенство во хип-хоп, што се одржа во Римини, Италија. Тие триумфираа на Светскиот куп за паратанц, што се одржа во рамките на ова првенство. Тоа за танчaрите со Даунов синдром беше петти медал освоен на светски и европски првенства, а во Македонија се државни прваци од 2015.

Групата лани во мај ја освои титулата европски шампион на натпреварот што се одржа во Џенова, а во октомври стана и светски шампион во Кјелце, Полска. На Светското првенство во модерни танци за лица со попреченост во Копанхаген во 2017 освои бронзен медал.