ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ Е ГОРДОСТ И МАЈТАП, А ЈАС КАКО ИНФЛУЕНСЕРКА СУМ ЖИВ ШТИТ МЕЃУ ЛЕВАТА И ДЕСНАТА ПОЛИТИЧКА ОПЦИЈА, КАЖА ИГОР ЏАМБАЗОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вевчанскиот карневал почнува в петок (12 јануари), а завршува на 14-ти со традиционалото палење на маските, најави на прес-конференција актерот Игор Џамбаазов, кој годинава е промотор на настанот.

„Ако влезете на Википедија, ќе видите дека Вевчанскиот карневал е стар скоро 15 векови. А, според некои артефакти пронајдени во Горна Белица, се претпоставува дека е над 2.000 години. За да ви објаснам колку е тоа старо, ќе ви кажам дека првиот Вевчански карневал се одржал 900 години пред Колумбо да ја открие Америка. И покрај тоа што е пагански обичај, тој не престанал да трае, дури ни во најтешките моменти. Бидејќи Вевчанскиот карневал е еден голем мајтап и станува збор за едни од најкреативните луѓе во Македонија, тие од сѐ знаат да направат шега и смеа, па ќе се обидам таква да биде и оваа прес-конференција. Денеска гледате една несекојдневна глетка. Од мојата лева страна се левите политички сили, а од десната страна, десните политички сили. Левиве политички сили им даваат пари на десниве, а јас како инфлуенсерка сум жив штит меѓу нив. Дај боже што почесто да има вакви слики и, навистина министерке, Вевчански карневал е бренд кој не смее да се одбие“, им кажа Џамбазов на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и на градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.

„Јас на тоа што го кажа Игор би отишла еден чекор подалелку и би рекла дека Вевчанскиот карневал е нематеријално културно наследство и како таков моравме да поддржиме. Ние со градоначалникот Кочовски склучивме договор за финансирање на карневалот со 1.8 милиони денари“, кажа Костадиновска-Стојчевска.

Џамбазов со министерката Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски (Фото: К. Попов)

Џамбазов додаде оти тој е четвртиот носител на вевчанскиот пасош, кој му го доделиле уште во 2000 година.

„Првиот беше доделен на тогашниот претседател Киро Глигоров, вториот на тогашниот премиер Бранко Црвенковски, третиот на градоначалчникот. Јас бев 004. За несреќа, го загубив низ моите животни патешествија и ќе го замолам градоначалникот да ми издадат нов. Тоа е сега во тренд и сакам да биде како претходниот, да нема додавки“, кажа Џамбазов.

Кочовски кажа дека бренд како Вевчанскиот карневал, кој собира гости од цела Европа, треба да биде гордост на која било власт.

„Од некоја култура би требало да им се заблагодарам на Министерството за култура и на министерката, меѓутоа на сите кои ќе дојдат во тоа Министерство и на целата македонска јавност треба да им биде јасно: тие треба да се заблагодарат што даваат средства за нешто што го има Вевчани“, кажа градоначалникот Кочовски.

В петок, програмата почнува со диџеј Ампов во 19 часот, па следи настап на Јанг Деди. Во 21 часот, концерт ќе одржи Игор Џамабазов со Гуру Харе, а „Нокаут“ од 23 часот. В сабота преку ден е поворката на маските, а музичката програма почнува од 20 часот со „Акустик бенд“. Наум Петрески ќе одржи концерт од 22 часот, а по него следуваат Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“ и групата „Биоритам“.

М. ЏАРОВСКА