Американец направил голема животна промена откако ја напуштил работата како механичар во Колорадо за да работи на Јужниот Пол. Џеф Капс (33) сега работи на ниски температури од -60 Целзиусови степени, ја гледа јужната светлина (аурора аустралис) секој ден и живее на 3.200 километри од најблиската продавница. Работел во автосалон кога еден пријател му кажал за можноста за работа во станицата Амундсен-Скот на Јужниот Пол, која е во сопственост на американската влада.
„Порано работев како автомеханичар. Еден ден дојде еден стар пријател и ми рече дека бараат механичар за поправка на моторни санки на Јужниот Пол и му реков да ме пријави“, вели Капс.
За плата од 73.000 долари, Капс работи шест месеци во годината на Јужниот Пол. Тој започнал со својата работа во 2019 и го опишува објектот како да живее на брод. Дури ја запознал својата партнерка Мишел (33) на Јужниот Пол, каде што работела со кетеринг.
„Ако не ја отворите вратата, изгледа како да сте во убав хотел. Имаме одличен тим на готвачи. Внатре е собна температура и можете да се шетате само по маица“, вели тој.
Капс често поправа возила надвор на екстремен студ, па така вели дека еднаш работел на температура од -76 степени која ја опиша како „надреална“.
„Мислите дека веднаш ќе замрзнете до смрт, но тоа е сув студ па, всушност, не е толку лошо како што звучи. Најчудната работа е што никогаш не почувствував треперење или студ до коска. Најлошото е ако студот погоди кој било дел од кожата што е непокриен, добивате силно чувство на печење, се чувствува како кожа да е прободена со нож”, вели Капс.